На 03.05.2022 година, вторник во 11.00 часот, во прес-клубот на БТА – Софија и Институтот за социјални науки – Скопје се одржа првиот дигитален теле-мост на македонски и бугарски интелектуалци, општественици, новинари и претприемачи, на кој беше објавена Заедничка повелба за зближување и добрососедство.
Таа ќе биде идејна платформа за градење на сеопфатен процес на зближување меѓу двата народа и двете земји обединети во нова мрежа на клубови за бугарско-македонско пријателство и во двете држави. Целта на организацијата е да создаде активно граѓанско општество со претставници и од двете земји, кои да работат за зближување на нашите општества врз основа на европските вредности.
Меѓу основачите на Клубот од бугарска страна се писателите Алек Попов и Чавдар Ценов, универзитетските професори Александар Ќосев, Ивајло Дичев, Маја Грекова и Стефан Дечев, новинарите Бојко Станкушев, Иво Беров и Димитар Кенаров, експертот за одбрана Велизар Шаламанов, економистите Красен Станчев и Евгени К’нев, тенисерката Мануела Малеева, режисерот Јавор Г’рдев, советникот на претседателот Жељу Желев за етнички прашања , Михаил Иванов, а од македонска страна филозофката Катерина Колозова, политикологот Љубчо Петковски, новинарите Марјан Николовски и Столе Наумов, Жарко Трајански-граѓански активист, историчарот Драган Заjковски, поранешните македонски премиери Љубчо Георгиевски и Владо Бучковски, Игор Есмеров, доктор по молекуларна биологија и поранешен амбасадор во Будимпешта, Васко Наумовски – вонреден професор по меѓународно право и право на ЕУ, вицепремиер за евроинтеграции (2008-2011) и амбасадор на Македонија во САД (2014), Александар Спасеновски, професор на Правниот факултет во Скопје, Пеце Талески-продуцент (серииите „Преспав“ и „Домашен љубимец плус“), Ивон Величковски-поранешен претседател на Либералната партија, д-р Марјан Ѓуровски – проректор на УКЛО, д-р Наум Трпеноски-очен хирург.
Меѓу основачите се и две организации на македонските Бугари – Бугарскиот културен клуб Скопје (БККС) и Културно-просветното друштво „Вардар“. Целта на Клубот за бугарско-македонско пријателство е да организира академски, културни, спортски и секакви средби на граѓани од двете земји, кои да помогнат за взаемното запознавање, разбирање, пријателство и добрососедство. Се предвидува Клубот да создаде работни групи од областа на културата, образованието, науката, економијата, одбраната и безбедноста, туризмот, медиумите, регионалната соработка. Кон Клубот ќе биде создадена и мешовита историска комисија “во сенка”, која ќе биде алтернатива на актуелната во моментот.
Целта е бугарско-македонските односи да излезат од „ќорсокакот“ во кој се наоѓаат во моментов, како резултат на засилен дијалог во сите области, кој да биде изваден од тесните политички и дипломатски кругови, како и од контролирани од властите или определени тајни “центри” и во двете држави, кои отворено работат против политиката за добрососедство.